Nokiа Turbo-folk е најновиот модел на телефон кој пристигна од Финска, а кој е наменет исклучиво за машките корисници кои живеат или потекнуваат од Македонија.
Телефонот е позлатен со 18 каратно злато, копчињата му се направени од сафири, додека позадината на телефонот е од природна кожа на зебра.
Оперативниот систем кој го користи телефонот е најновата верзија на Symbian наречена Cvetta, посебно изградена да прави сè наместо корисникот: одговара на СМС-пораки, прифаќа или одбива повици, праќа заканувачки мејлови и порачува турско кафе во вашиот омилен кафич.
Идејата за содавање на ваков луксузен телефон со посебен оперативен систем потекнува од директорот за продажба во Nokia, чија сопруга Цвета е по потекло од Македонија.
„Водушевен сум од земјата и нејзините луѓе, и ова е мој начин да им укажам чест“, изјави директорот на конференцијата за новинарите, и додаде:
„Луксузни телефони се правени и порано, но ова е прв телефон кој го направи и разви Nokia, не како обично парче електроника, туку како статусен симбол, и тоа е една од причините поради која ќе се продава само на македонскиот пазар“.
Телефонот, меѓу другото, ќе има и вграден аларм кој ќе се активира доколку покрај него поминува згодна девојка. Исто така, телефонот ќе има вградена дата-база со над 16.235 турбо фолк песни, не само од македонското говорно подрачје, туку и од регионот, а како главен адут на моделот ќе се понуди мелодијата на ѕвонење, која ќе биде изработена според мелосот на навивачката песна „Излези Јонче гол на тераса“.
Производителот препорачува телефонскиот апарат да се чува на видно место, со цел подобро искористување на неговата вредност. Nokia Turbo-folk ќе почне да се продава некаде кон средината на април, а цената на овој стаусен симбол ќе изнесува 900 евра.
извор:
http://okno.mk/node/17183