знам дека форумов е за електроника ама....ова го најдов на нет и ептен е супер работата што ја има направено човекот, па еве и вие да го прочитате
"Во денешно време, многу луѓе се одлучуваат за купување на половно возило бидејќи според нив е поисплатливо од ново....
Помалку чини, подобро од ново за истите пари и сл... Но како да не бидете измамени при купување на половно возило?
Новите автомобили уште во првите две години губат од 35 - 40 % од својата вредност. Затоа за многумина купувањето на стар автомобил од повисока класа е подобра опција отколку купување на нов автомобил за истите пари, неколку класи подолу. Но често купувачите се измамени од продавачите дали поради вредноста, дали поради оштетеноста на возилото или сосема нешто друго. Затоа јас ke ви дадам неколку совети...
Што треба да знаете пред купување?
• Купувачот е во подобра ситуација отколку продавачот бидејќи нема никаква потреба од брзање. Не наседнувајте на приказната дека парите од возилото кое се продава му се итни на купувачот од оваа или од онаа причина. Треба да разгледате што повеќе автомобили а помалку да слушате “чаршиски“ муабети околу одреден автомобил. Одлуката за купување донесете ја врз вашите ставови и впечатоци.
• Дознајте што повеќе податоци за автомобилот за кој сте заинтересирани. Колку вреди на пазарот? Дали излегува нов модел од истиот автомобил? Новиот модел на автомобилот ја намалува цената на истиот за додатни 10 %.
• За многумина штедливите дизел автомобили се попривлечни од бензинските. Но ако мислите да купувате автомобил за помалку пари, заборавете ги! “Дизелашите“ се поекономични, поевтини и дизелот е поевтина варијанта од бензинот. Но одржувањето и поправката е значително поскапа кај нив. Само “bosch пумпата“ и турбо полначот се поскапи отколку цел генерален ремонт на автомобил со бензински погон. Затоа трошокот за генералната поправка на дизел возило може да биде поголем, отколку целата вредност на возилото.
• Препорачливо е да одбирате поголем автомобил бидејќи нивната цена паѓа на пониско ниво отколку помалите. Подобро за истите пари купете постар Passat, наместо Golf. Потрошувачката на гориво не е најважниот фактор, бидејќи на неа влијае и стилот на возењето и одржувањето на автомобилот.
• Не се врзувајте за одреден производител или па одреден модел. Подобро купете добар Hyundai отколку катастрофален Volkswagen. Ако наидете на добра прилика, бројот на врати, бојата или обликот на каросеријата нека не ви бидат толку важни бидејќи најважен фактор е состојбата на автомобилот.
Избегнете замки на продавачите и препознајте ги ситуациите “мачка во вреќа“
• Приложената километража на автомобилот прифаќајте ја со резерва. Најважно е како е возен автомобилот и одржуван отколку бројот на поминати километри. Затоа пред купување, темелно проценете ја состојбата на автомобилот.
• Не наседнувајте на замки за половни возила увезени од странство за чиј трансфер во Македонија треба да се плати однапред. Никогаш не давајте пари на “невидено“ бидејќи голема е веројатноста да останете со празни раце. Обрнете внимание на вакви содржини: “.The shipment will start only after they receive the confirmation that you made the payment. After you make the payment, in max. 5 working days you'll receive the car at your address...“ Демначи на лесни пари преку интернет измама во денешно време се повеќе ги има.
• Гледајте автомобили со фабричка боја! Подобро купете автомобил со фабричка боја па макар бил и во полоша состојба. Префарбаните автомобили се често прекриени со нова боја за да се прикријат штетите кои ги имал претходно автомобилот. Најчесто се прикриваат претходни судири или корозија.
• Пред да го купите автомобилот, однесете го на канал или дигалка. Погледот од долу може да открие многу нешта кои се прикриени а не можете да ги забележите. Ако продавачот сакал да ви прикрие претрпен судир или автомобилот е “нагризен“ од корозија, откажете се од купувањето.
• Ако е каросеријата здрава, проверете дали и моторот е во исправна состојба. Тоа најдобро се открива со мерење на компресијата на цилиндарите. Истото може да го направите кај секој автомеханичар. Ова посебно важи за дизел моторите. Ако било кој од цилиндарите “издишал“, откажете се од купувањето.
• Свежо перениот мотор е сомнителен бидејќи тешко може да се утврди дали испушта моторно масло.
• Моторот во “лер“ треба да работи мирно. Ако тресе, не се залажувајте дека тоа лесно се поправа, бидејќи овој проблем често укажува на неправилност во цилиндарите на моторот.
• При додавање на гас, автомобилот не смее да испушта чад. Чадот со чудна плава боја укажува на истрошени клипни прстени, а па црниот чад на изгорени вентили поради дотраеност. Густиот чад е последица најчесто од дотраеноста на “bosch пумпата“. Во вакви случаи подобро откажете се од купувањето.
• Оштетените седишта се лош знак бидејќи покажуваат дека автомобилот бил немилосрдно возен. Ако има навлаки на седиштата, обавезно тргнете ги да видите што се крие под нив. Уште полошо е доколку дотраеле гумените облоги на педалите.
• Нерамномерните истрошени гуми покажуваат неисправно подвозје. А тоа најчесто е така поради претрпен судир. Бидете внимателни дали се вградени нови гуми бидејќи така често се прикрива реалната ситуација.
• Спортските додатоци како спуштена каросерија, отворен издув, спојлери и слични работи се лоша препорака за купување. Тоа е доказ дека автомобилот често работел под полна гас.
• Куката за влечење не е предност, како што некои тоа го прикажуваат туку голема мана. Влечењето на приколка го оптеретува додатно моторот и менувачот. По правило автомобилите без кука се во подобра состојба отколку автомобилите со кука.
• Пред купување задолжително е пробно возење. Тогаш утврдете дали автомобилот е прецизен и како реагира на команди. Ако не сте доволно стручни, земете со себе некој пријател кој повеќе се разбира во тоа.
• Во врска со цената се изјаснувате кога ќе заклучите дека автомобилот потполно ви одговара. Треба да имате и преговарачки особини. Доколку видите дека на продавачот му се брза во продавањето, тоа е можност за вас да ја смалите цената која тој ви ја нуди. Никогаш не се придржувајте кон фиксната понудена цена, бидејќи секогаш може да смалите нешто.
Пред купување внимателно проверете ги сите документи и не се срамете да ги проверите кај некоја специјализирана личност за оваа проблематика. Ако нешто ви е сомнително, откажете се од купувањето.
Доколку го склучите купопродажниот договор, автомобилот одма однесете го на темелен сервис. Уверувањето на претходниот сопственик дека тоа го направил, не е никаква гаранција.
Како да препознаете украден автомобил?
Вашата цел е за што помалку пари да купите што подобар туѓ автомобил. Но во тоа не смеете да претерувате. Ако за неколку илјади евра купите солиден Golf, Audi или Mercedes, тешко дека ќе ја убедите полицијата дека се е регуларно. Ова истото важи и за добро прикривање т.е заменување на бројките на шасијата и фалсификувани документи. Криминалот не познава граници, а на украдените автомобили често им се менуваат податоците. Затоа документите приложени од купувачот од странство не ви се никаква гаранција, иако за избегнување на компликациите препорачливо е да си купите автомобил од Македонија.
Посебно бидете внимателни со најчесто крадените модели (Golf, Passat, повеќето модели на Mercedes, Audi, BMW, односно полуксузните брендови.)
Проверете дали бравата и делот околу неа се оштетени. Исто така проверете го контактот со клучот. И најмалото оштетување е знак дека автомобилот е украден.
Сите брави и клучеви треба да бидат фабрички. Ако нешто не е во ред, откажете се од купување.
Сите стакла треба да имаат фабрички дознаки. Променето стакло е најчест показател за украден автомобил.
Променетиот волан или менувачот се исто така сомнителни. Не се залажувајте на спортски волан или менувач!
Свежата боја на броевите на шасијата или внатрешноста под хаубата укажуваат на промена на целиот профил или делови од лимот.
Неоргиналната и свежа боја на каросеријата е показател за украден автомобил.
Детално прогледајте ги документите. Ако автомобилот го променил сопственикот, проверете го документот дали е исправен кај адвокат или друго правно лице.
Ако некако е можно, побарајте помош од стручно лице од таа област.
На крај откако сето тоа сте го завршиле отидете во МVR и проверете дали врз возилото има издадено потерница и во централен заложен регистар на Македонија дали возилото е заложено или дали врз возилото има некој хипотеки.
Овој оглас не е за да им наштетам на трговците со автомобили туку ѕолку колку што можазм со моето знаење да му помогнам на Македонскиот ѓраганин да се стекне со солидно и исправно возило кое ке го служи уште многу години."
ова е превземено од
http://www.pazar3.mk/ViewItem.aspx?itemId=673388
што значи дека НЕ Е МОЕ
П.С. ако мислите дека не е за тука преместете ја....