Најчесто користам универзална плочка со дупчиња, а кога правам PCB користам тонер трансфер метода, брза е, едноставна и со малце искуство излегуваат одлични плочки, еве оваа е направена денес за помалце од пола саат:
Кај тонер трансфер мораш да пазиш на неколку работи:
1. Принтерот треба да биде подесен на најтемно, односно да пушта повеќе тонер. Печатењето да биде во mirror.
2. Хартијата обавезно да е глоси, т.е. сјајна, може да е купена од книжара, да е од стари списанија, итн., потенка, подебела, излегува со сите, треба да експериментираш која дава најдобар резултат кај тебе. Постои и посебна хартија баш за оваа намена, се вика P-N-P (Press and Peel) фолија, некој ми спомна дека ја имало и кај нас во графичарските дуќани позади КИМ под името мулти-трансфер фолија, не сум проверил. Со неа добиваш резултати исто како со фото-постапка или сито штампа, можеш да правиш многу тенки водови, секогаш и целосно останува тонерот на плочката, нема утка.
3. Плочката треба да биде идеално чиста, значи измиена убаво со некое средство, најдобро абразивно, јас ја поминувам уште и со многу ситна водена шмиргла (600-800) и тоа потрошена. Пред пеглање ја пребришувам уште и со чиста салфета и 96% алкохол. Пипање со прсти по бакарот никако!
4. Пеглата да е подесена на нешто повеќе од пола, пеглање две-три минути без притискање, само со тежината на пеглата и раката, иначе ќе се размачка тонерот. Убаво да се помине целата површина за да залепи секаде тонерот.
5. Испегланата плочка ја потопуваш во топла вода со малце сјај и ја оставаш да постои, зависно од дебелината на хартијата, потенка хартија пократко, подебела подолго. Мене ми се случувало да ја оставам (заборавам) со саати, ништо не и смета, колку подолго стои толку полесно се вади после хартијата. Откако ќе ја излупиш хартијата, остатоците ги симнуваш со триење со прст, може малце и да притиснеш на некои места, не се плаши, ако е добро испеглан тонерот не се лупи толку лесно. Ако е паднат од некои места или водови, се доцртуваат со маркер.
6. Нагризување, отприлика 1:1 солна киселина и хидроген 12%, хидрогенот да е обичен (прозирен), пошто има и некој млечен што го викаат, може и со тој ама го заматува растворот и не се гледа плочката. Со благо нишање лево-десно времето на нагризување е минута-две. После тоа се мие убаво со сапуница под млаз вода, со ацетон се вади тонерот, може и да се помине уште еднаш со ептен ситна шмиргла и пак се мие убаво со многу сапуница - ова обавезно бидејќи таа ги неутрализира остатоците од киселината што со тек на време би ја потемнеле и нагризале плочката.