Сложена тема но ќе се обидам да дадам некои мои заклучоци:
Многу ќе речат дека обичните (жарни) светилки се залудно трошење на енергија. Јас би рекол да, но зависи каде се употребуваат. Еве замислете имам подрум во кој влегувам два-три пати месечно по 10 минути. Дали се исплати да ставам штедлива (скапа) светилка? Тотално не. Цената и трајноста на жарната светилка на тоа место 100% одговара на намената. Потрошувачката не е ни битна.
Некаде на друго место (на пример во автомобилите) ефикасноста не е битна. Светилките во возилото и така трошат само 1% од енергијата што ја произведува моторот. Дали има резон да се става штедлива светилка таму? Не. Но во возилата има друг проблем а тоа е кратковечноста на жарните светилки. Значи иднината на осветлувањето во автомобилите е LED осветлување кое е долговечно. Повторно и овде потрошувачката не е битна.
Меѓутоа, има места каде што потрошувачката и долговечноста е многу битна како на пример во места каде што барем пола од времето свети светилката: Во дневната соба, кујната, ходниците на зградите, светло пред куќата, фабриките, улично осветлување. Да се осврнеме на тоа кои видови на такви светла се најефикасни а најдоби. Најефикасна сијалица измислена досега не е LED како што многумина (продавачи) на светилки ќе ве излажат. Најефикасна сијалица е натриумовата сијалица. Меѓутоа, бојата на оваа сијалица е жолто-розева (можете да ја видите на уличното осветлување) и освен таму неможе да ја употребуваме дома. Живините светилки се исто така скоро исто толку ефикасни како LED и можат да се најдат во уличното осветлување и во фабричките хали.
Алтернатива на обичната светилка за во дневна соба се значи неонско светло, CFL (штедни светилки кои во суштина пак се неонки виткани) и LED осветлување.
Околу енергетската искористливост на енергијата на светилките за дома LED осветлувањето е најефикасно, потоа доаѓа неонското осветлување и на крајот CFL.
Но, што е со квалитетот на светлото (дали тоа замара очи или е пријатно).
Да ве разочарам но ниедна од овие алтернативи не е пријатна за очи и не одмара, ниту LED, ниту CFL ниту неон. Се разбира постојат и помеки варијанти од сите светилки (поготово high-CRI висококвалитетни LED светилки) но од нивната цена ќе ви се сврти во главата.
Решение? Можеби сите премногу филозофираме, еве зошто: Најголемите потрошувачи за осветлување како уличното осветлување и фабриките веќе користат високо ефикасни методи на генерирање на светлина како: Натриумови светилки, Живини светилки и долги неонки. Потрошувачката на струја за осветлување по домовите е многу мала од вкупната потрошувачка која се троши на греење, греење на вода, готвење и слично.
Што е пресудата? Пресудата е дека ниската цена и убавиот квалитет на светлина кој ја даваат обичните жарни светилки иако се краткотрајни долго нема да излезат од домовите и немаат ни потреба бидејќи штедењето на енергија во споредба со другите потреби во едно домаќинство е многу мало.