ЦЕРН:Обид да се повтори големата експлозија „во мало“
ЦЕРН: Обид да се повтори големата експлозија „во мало“
Во годинава што изминува, 2010, проблемот со невработеноста во Македонија остана како една од главните маки на илјадници млади луѓе.
Некои од нив трпеливо чекаат и се пријавуваат на огласите, но други размислуваат да заминат во странство.
Но БиБиСи реши да поразговара со едно момче од Битола, кој има работено во Швајцарија, но сепак својата иднина ја бара во својата родна земја.
Се вика Бојан Митровски и имал привилегија да работи во Центарот за нуклеарни истражувања ЦЕРН во Женева, Швајцарија.
Таму се реализира милениумски проект на машина која треба да создаде услови како пред големата експлозија од која настанала вселената.
Митровски е постдипломец на Техничкиот факултет во Битола и вака го опишува своето искусво во Швајцарија:
„Тоа претставува збир на најдобрите научници од целиот свет. ЦЕРН е најголем светски центар за нуклеарни истражувања и секако дека претставува задоволство да се работи или на кој било начин да се биде дел. Тоа е на многу повисоко ниво за разлика од кај нас и за разлика од многу други земји во светот. “
БиБиСи: Што недостасува во Македонија на полето на научна работа?
Митровски: „ Најголемиот проблем претставува поврзувањето на теоријата со праксата. На сите факултети имаме потреба од повеќе лаборатории, да се насочиме повеќе кон практични истражувања. “
БиБиСи: Какви проблеми имате кога сакате да конструирате, на пример, машина?
Митровски: „ Има голем број ограничувања, во поглед на буџети, услови за работа...Еве на пример за изработка на кој било проект не може да оди директно со отворен буџет туку треба тендери, увози преку царини, преку шпедиции. Целата таа постапка дополнително ја оптоварува и оддолжува работата. Не може да дозволиме административните процедури да земаат и по пет пати повеќе време од истражувачките.
БиБиСи: Дали фирмите се заинтересирани за вашата работа?
Митровски:„ Недостасува соработка помеѓу универзитетите и приватниот сектор. Но и компаниите не се толку заинтересирани во поддршка нa проекти кои можеби и нема да успеат. Во истражувањата сите овие се пилот проекти. “
Овој вљубеник во техниката и во науката до сега има добиено неколку награди.
Вели дека за сега ќе остане во Македонија иако се уште е невработен.
Два пати конкурурал за место во РЕК Битола.
Пресметал дека државата со тоа што го стипендирала уште од средно училиште во него вложила неколку илјади евра но вели: бадијала, затоа што не ги го користи неговиот талент.
извор:
http://www.bbc.co.uk/macedonian/news/story/2010/12/101230_mac_cern.shtml