Имаше неколку слични теми отворено на форумов со вакво или некое слично барање (додавање на Aux влез на стар систем кој има само CD и Tape), па затоа решив да го направам туториалов. Со оние FM предавателчињата кои работат на 12V, веќе работите се многу лесни, но мене лично не ми се допаѓа идејата да имам приклучено уште еден додатен уред кој, најверојатно, само ќе ми пречи и ќе ми ги „мрси“ работите, отколку што ќе ми ги олесни. Де се откачил приклучокот од конекторот за запалката, де не фаќа убаво, конекторот од 3.5mm-тарскиот џек зеза (Кинеска работа
), па не го чита USB-то (пак некој Кинески контакт зеза
, дали од 5V-ното напојување, дали од data bus-овите, кој знае
)... Од друга страна, не гледам поента да го менувам старото авто-радио доколку совршено добро си ја врши работата. Единствената причина поради која би го менувал би било токму тоа, нема Aux влез. Бидејќи веќе (скоро) никој не користи аудио касети, а и CD-ињата се поретко се користат (особено ако авто-радиото нема CD плеер што пушта и MP3), а најчесто кај аудио уредите (општо, не само кај авто-радиата) се бара да имаат и Aux влез, решив да го преправам Tape влезот, односно да го направам да биде обичен линеарен аудио влез (Aux).
Преправката е „универзална“ (сакам да кажам, принципот е ист) и може да се примени кај сите типови на аудио уреди, не само авто-радиа. Разликата е само во тоа кој интерен влезен сигнал (CD или Tape) ќе треба да биде пренаменет во Aux влез (екстерен влезен аудио сигнал). Притоа, не секогаш е потребно да имате шема од уредот кој го преправате, но се разбира дека е пожелно. Во секој случај, од постари аудио уреди, особено мини системчиња, авто-радиа, boom box-ови и некои слични уреди, шеми и сервисни упатства се наоѓаат прилично лесно.
Да почнеме. Еве неколку слики од авто-радиото пред преправката.
Бидејќи станува збор за преправка на авто-радио со касетник (Tape), прво што треба да се направи е да се препознае кој конектор е за аудио сигналот (кој кабел излегува од главата на касетникот). Тоа е очигледно од втората и третата слика (сивото кабелче врзано за конекторот со три пина на главната плоча).
Од ова авто-радио, online лесно може да се најде сервисно упатство со електрична шема. Во туториалов, нив ќе ги користам само за да можам полесно го објаснам начинот на кој ова се изведува, односно за да ја објаснам „универзалноста“ на оваа преправка. Реално, во повеќето ситуации, нема потреба од електрична шема (иако, како што напоменав, пожелно е да ја имаме на располагање). Да ја разгледаме електричната шема од секцијата која нас не интересира: аудио сигналот од магнетната глава.
Интегрираното коло LA3161P претставува EQ и +49dB gain за сигналот од главата. Практично, ова коло го засилува и обликува сигналот од магнетната глава, односно, го доведува до ниво на линеарен сигнал. Нас ни се потребни водовите за излезниот сигнал кој го дава ова коло. Треба да ги прекинеме тие водови и место аудио сигналот од магнетната глава, на негово место да го вметнеме нашиот екстерен (Aux) аудио сигнал. Во конкретниот случај, теба да ги прекинеме следните два вода.
Овие два вода се левиот и десниот канал од аудио сигналот (L и R). Кој е кој, лесно може да се дознае со тест проба ако тоа не е означено на електричната шема: пуштете тест сигнал од некој извор на звук (CD плеер, PC, било што) на некој од двата влеза, а на левиот канал на излезот од авто-радиото (каде што се приклучуваат звучниците), приклучете звучник. Ако авто-радиото е со 4 излези, како што имаат повеќето денешни авто-радиа, врзете го FL излезот (Front Left). Ако чуете звук, значи сте го погодиле левиот канал
. Ако не чуете, значи дека другиот вод е всушност левиот канал. Притоа, се разбира, не доведувате сигнал на двата вода истовремено, туку наизменично (едниот па другиот). Исто така, не е лошо да испитате и дали работат и двата канали како што треба. Откако ќе установите кој е лев а кој десен канал од водовите, обележете ги на плочката (на местото каде што сте ги прекинале водовите) и на двата канали (L и R) истовремено донесете сигнал. Потоа, полека правете panning на сигналот („шетајте“ го од лев на десен и обратно). Правете panning од крајна лева до крајна десна позиција и обратно. Ако се е во ред, како што му правите pan на сигналот од лев на десен канал и обратно, така ќе се менува и pan-от на звучниците
. Кога лизгачот ќе биде во крајна лева позиција, звукот треба да излегува само од левиот звучник и обратно, кога лизгачот е во крајна десна позиција, звукот треба да излегува само од десниот звучник. Во конкретниот случај, имаме две маси (GND и SGND = Signal GND), па како маса за сигналот, го користиме Signal GND. Ако уредот има само една маса (само GND), ја користите таа
.
Ако користите PC или лаптот за тест проба, прво бидете сигурни дека сигналот навистина се гаси на десниот, односно на левиот излез при максимален left, односно right pan. Некои onboard аудио картици имаат некои „чудни“ подесувања (3D Stereo и некои слични) кои не го гасат сигналот сосема на десниот или на левиот канал кога лизгачот се наоѓа во крајната лева или десна позиција. За да не дојде до оваа збунувачка ситуација, прво, со слушалки, тестирајте дали сигналите се гасат сосема при максимален pan или не.
ВАЖНО: При пуштање на тест сигналот, задолжително ставете кондензатор за DC одвојување на излезниот сигнал од аудио уредот кој го користите за тест (PC, телефон, лаптоп) и авто-радиото. Иако повеќето од уредите веќе имаат ваков кондезатор поставено некаде по патот на аудио сигналот, сепак, доколку не сте сигурни или немате електрична шема од уредот, поставете
. Кондензатор се поставува на секој од каналите во серија со сигналот (извор на сигнал --> кондензатор --> авто-радио). Значи, всушност ќе ви бидат потребни два кондензатори, по еден за секој канал (L и R). Пластичен кондензатор со вредност од 1uF/63V е сосема солиден. Не е пожелно да користете електролитски кондензатори бидејќи ќе треба да им го погодите и поларитетот (кој пин каде треба да оди, дали плусот кај изворот на сигнал, минусот на местото на кое се носи сигналот или обратно
, за да не навлегуваме и во објаснување на оваа процедура, најдобро е да користите неполаризирани блок кондензатори). Вредноста на кондензаторите не е критична, може да имаат и помала и поголема вредност (на пример, може да бидат и 470nF, 2.2uF, 3.3uF, дури и 4.7uF), само пробивниот напон да не им е под 50V. Се разбира, најдобро е ако двата кондензатори се исти (не еден да биде 470nf/50V, а другиот 2.2uF/100V). Во конкретниот случај, уредот има кондезатори за DC одвојување, така да, немаше потреба јас да поставувам. Тоа може да се види од следната слика.
Сега сигурно си викате „се ова е убаво, арно ама, ова го направив и ништо не слушам на излез“. Можеби ова требаше прво да го пишам
. Треба да го активирате влезот за може нешто да чуете на излезот
. Кратко кажано, треба да го излажете процесорот во авто-радиото дека има касета во касетникот
. Најчесто, ова се изведува преку некој микро-прекинувач. И кај авто-радиата со CD ситуацијата не е многу различна, ако детекцијата за CD не е изведена преку микро-прекинувач, тогаш е изведена со некој оптички сензор или пар инфра-црвен предвател и приемник (слично како и кај trackball маусите). Во секој случај, начинот на детекција дека има касета или CD во авто-радиото е следен: преспојување на некои два пина. Се разбира, ова варира од изведба до изведба. Кај некои авто-радиа можно е да има само еден пин и треба да се донесе на ниско логичко ниво (GND) или високо (Vcc, најчесто +3.3V или +5V), кај некои мини-системи и boom box-ови можно е воопшто да нема детекција (да се користи ист рачен механички прекинувач за менување на аудио влезовите и активирање на серво-менизмот) при што нема потреба да го „лажеме“ процесорот дека има CD или касета во CD плеерот или касетникот, едноставно пуштаме аудио сигнал и толку
. Во конретниот пример, детекцијата дека има касета во касетникот е изведена преку еден микро-прекинувач кој го преспојува пинот LOAD со GND за да се активира сигналот од Tape влезовите. Тоа може да се забележи од следната слика.
Во принцип, се што треба да направиме за да се активира Tape влезот е да поставиме еден прекинувач кој ќе го преспојува LOAD пинот со GND... толку
.
Еве слики на кои е прикажано како е се ова изведено во конкретниот случај
.
Се разбира, механичкиот дел (касетникот) е целосно непотребен по преправката, така да, не се монтира назад по преправката. Јас исто така ја имав елиминирано (одлемив) и целата секција со LA3161P, но нема потреба ова да се прави. Доволно е само да се прекинат водовите кои го носат сигналот од LA3161P кон... кој и да е нареден чип во аудио ланецот
.
Како конектор за Aux влезот е искористен еден 3.5mm-тарски женски конектор од стара onboard аудио картица од PC, од оние старите, со MIDI/Joystick влез што беа, конекторите лесно им се одвојуваат од остатокот од MIDI/Joystick конекторот
. Можете да го искористите било кој од конекторите, сите се исти
. Се разбира, крајното решение останува на оној кој ја прави модификацијата
. Некој можеби ќе сака да стави RCA конектори, кој знае
. Како прекинувач е искористен прекинувач од некој стар уред (не знам од каде го имам извадено). Конекторите се прицврстени за пластичната шасија со „течна пластика“ (така си ја викам јас
).
Горе-долу, тоа е тоа
.