Ова е еден интересен уред кој што го видов на јутуб каналот на Mr.Carlson, во суштина претставува бесконтактна сонда за детектирање и следење различни сигнали - аудио, шумови, осцилации и сл. и соодветен засилувач. Подоле е оригиналното видео и во него е се детално опишано, па кој планира да го изработи овој уред препорачувам да го изгледа:
Ова е шемата за сондата, јас нацртав моја верзија на плочката која е комбинација на through hole транзистори и електролити со SMD отпорници и кондензатори. Може да се употребат било кои универзални NPN транзистори, јас имав оригинални 2N3904 па ги искористив нив:
Бидејќи станува збор за мошне осетлив уред, заради намалување на евентуалните надворешни влијанија плочката за сондата ја изработив на двостран витропласт, при што целиот горен слој е маса. Врвот на сондата е парче коаксијален кабел, на кој што неколку милиметри од ширмот на крајот му е отстранет. Изгледот на плочката и склопената сонда:
Во неговиот уред Mr.Carlson користи засилувач со LM4871, бидејќи мене не ми се даваа 210ден. за него, се решив да користам обичен LM386. Шемата е стандардна според даташитот, со тоа што наместо фиксен отпорник ставив тример во серија со електролитот помеѓу пиновите 1 и 8 за да може гејнот да се подесува од 20 до 200. Исто така, бидејќи е пожелно засилувачот да биде што поосетлив, додадов и еден предзасилувачки степен со транзистор според оригиналната шема на Mr.Carlson, но излезе дека нема потреба и само внесува дополнителен шум, па целиот тој степен го премостив. Ако некој ја користи оваа плочка, нека не ги леми транзисторот, отпорниците 1к. 68к, 22к, 100R, електролитите 4u7 и 22u, а лизгачот од 4к7 потенциометарот за гласност нека го врзе директно на кондензаторот од 100n на влезот од интегралецот.
Засилувачот е пожелно да биде сместен во метална заземјена кутија заради намалување на надворешните влијанија. Јас додадов и еден прекинувач со кој сондата може да се заземји или да остане да „виси“, зависно од потребите и во овој случај џекот за поврзување на сондата треба да е изолиран од кутијата.
Сондата мора да биде целосно оклопена, јас ја ставив во метална цевка која е врзана на масата, „капачињата“ на краевите се од витропласт со бакарот од внатрешната страна, исто така поврзан на маса. Кабелот за поврзување на сондата со засилувачот мора да е оклопен и препорачувам да е што поквалитетен, пробав неколку различни и приметив разлика помеѓу нив. Надворешниот кабел за прилкучување на масата/заземјувањето може по потреба да се откачи за да не пречи:
Еве и неколку видеа, на првото имаме сигнал 1kHz и амплитуда 1V од сигнал генераторот кој што сондата го „фаќа“ преку парче жица. На ова и наредните две видеа прекинувачот е во normal position (аудио):
Не се слуша на видеото, но кога ќе се доближи сондата до дисплејот од сигнал-генераторот се слуша високофреквентен тон, пиштење, најверојатно од драјверите за дисплејот. Слично се случува и кога ќе се доближи сондата до некој дигитален уред, мобилен, дискмен, MP3 плеер и сл.
На ова видео се гледа како сондата го „фаќа“ аудиото од MP3 плеерче преку излезниот џек:
На ова видео прекинувачот е во noise position, сондата го фаќа „гребењето“ со шрафцигер по парче пертинакс на далечина од дваесетина сантиметри, а иначе фаќа и од многу подалеку, но бидејќи со една рака снимав мораше да ја доближам сондата иначе не ми собираше се во кадар. Реагира и на палење/гасење прекинувач на далечина од неколку метри: