Оваа шрафилица беше на акција на бензинските на LUKOIL низ Скопје (најверојатно и низ Македонија), 1000 денари беше со три печати за полнење на гориво до или над 1000 денари. Мислам дека редовна цена и беше 1600 или така нешто. Еве и слика од неа
.
За 1200, 1300 имаше и вакви слични шрафилици од измислени Кинески брендови. И оваа е нешто такво, знаев, ама си викам, ај, ќе ја земам, не е скапа, да видиме како ќе се покаже
.
Генерално земено, не е лоша... за 1000 денари. Пластиката... хммм... така-така, не е прецврста, ама па не е ни лесно кршлива. Единствено што успеав да зезнам (уште при прво користење
) е клучето за ротација на шрафилицата (може да се држи и како шрафцигер и како пиштол, се ротира дел од рачката). Искрен да бидам, тоа и не ми беше многу важно, ми вршеше работа и само како пиштол
... а освен тоа, не знаев дали ќе ми ја признаат гаранцијата
.
Арно ама, имаше една работа која навистина ме нервираше - заштитата од преоптоварување. Барем според мене, имаше далеку од некоја реална вредност. Реагираше на зашрафување на шрафови на куќиште од компјутер
, а шрафовите беа далеку од стегнати. Значи, не очекувам да зашрафувам делови од борбен авион со ова мало шрафиличе, но треба да може да стегне колку толку барем шрафчиња од куќиште на компјутер, нели.
За оние кои не се запознаени, кога заштитата ќе изреагира, шрафилицата престанува да врти и треба повторно да го стиснете копчето за вртење и ако пак пробате да затегнете онолку колку што сте пробале, пак ќе изреагира и пак нема да стегне онолку колку што сте сакале и... се така во круг
.
Пред некој ден, толку се изнервирав, што сакав да ја фрлам, ама се смирив и си реков, ај, да видам дали може да ја заобиколам заштитата. И, како што претпоставив, да, може да се заобиколи
. Еве што треба да направите
.
Еве ја плочката за полнење на батеријата и заштита пред преправката.
А еве ја плочката по преправката.
Да, практично, се што треба да се направи за да се заобиколи заштитата е да се додаде краткоспојникот (џампер
) како на сликата... толку, тоа е се
.
За оние кои сакаат да знаат повеќе, го заобиколуваме MOSFET-от кој всушност има функција на прекинувач и треба да ја прекине врската меѓу батеријата и моторот кога колото за детекција ќе забележи дека моторот влече премногу струја. Се разбира, колото за детекција сеуште работи и го гаси MOSFET-от кога ќе се преоптовари шрафилицата, но, со краткоспоен source и drain... тешко дека ќе изгаси моторот
.
Ова не влијае на колото за полнење (пробано
) бидејќи е засебно од колото за заштита. Тоа може да се забележи и од подетална анализа на плочката. Колото за контрола на полнење е целосно изведено на позитивниот вод од делот за полначот (а со тоа и на батеријата), додека колото за заштита е целосно изведено на негативниот вод од колото за полнење (батеријата), така да, што и да се случи со едното коло, освен ако не е некој вод изгорен, не би требало да влијае врз работата на другото коло
.
Се разбира, внимателно со оптоварувањето на шрафилицата. Иако заштитата е прескокната, тоа не значи дека сте ја претвориле во шрафилица од 200 евра. Има причина зошто заштитата е поставена. Имено, доколку Li-Ion-ска батерија се испразни пребрзо (на пример, краткоспоите позитивен со негативен вод), можно е да експлодира. Значи, оние кои ја ставиле заштитата не биле „будали“
. Се разбира, таа е поставена и за да се заштити производителот од тужби, поплаки, еден куп експлодирани или зезнати батерии, негативна репутација, лоша рецензија за производот, итн. За жал, мислам дека ова е примарната причина
. Како и да е, пазете при ракувањето со прескокната заштита. Подобро ќе стега, но не треба да ја доведувате често во позиција да застане со вртење. Ова е многу слично на краток спој за батеријата и ја оштетува (и го намалува животниот век), а доколку ја држите закочена многу долго време, може и да експлодира батеријата.
Затоа, внимателно и со среќа со преправката
.